Битиќи: Членството во ЕУ ќе донесе трајни и големи економски придобивки за граѓаните и компаниите

Bez autora
Aug 22 2023

Усвојувањето на уставните измени во Собранието на Република Северна Македонија, а со тоа и овозможување да продолжи евроинтегративниот пат на нашата држава, не е само политичко прашање, туку и прашање на економски структурни промени, кои треба да донесат низа трајни придобивки како за нашето стопанство така и за граѓаните“, пишува на својата фејсбук страница вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Тој посочува дека остварувањето на стратешката определба на 80 % од граѓаните на државата за зачленување во ЕУ најважно е дека ќе значи повисок животен стандард и поголема куповна моќ за нив.

„Една од најголемите придобивки што стои пред нашата држава е создавање реални услови за голем раст на платите, кој кај одредени држави во првите пет години по зачленувањето во ЕУ се движеше над 50 отсто, па сè до 100 отсто. Ова ќе биде директна придобивка за куповната моќ за граѓаните, за нивниот семеен буџет и животен стандард.

ЕУ е најголемиот наш економски партнер, нашето стопанство органски е поврзано со европското, 77,5 % од извозот завршува во некоја од 27-те држави членки, а 51 % од увозот доаѓа од таму. Ова значи дека домашните компании создаваат дополнителна економска вредност, креираат и одржуваат работни места за нашите сограѓани преку деловна соработка со европски компании, односно основата на нивниот раст и развој лежи на европски трговски основи“, пишува Битиќи.

Истакнува дека со полноправното членство во ЕУ на нашата економија ќе се отворат вратите на единствениот европски пазар од 500 милиони потрошувачи, што дополнително ќе ги зајакне трговските перспективи и потенцијалите за остварување одржливи стапки на раст на БДП.

„Искуството на други држави покажува дека во првите пет години од зачленувањето во Унијата стапките на раст на БДП се зголемуваат од 80 до 90 отсто. Поедноставената трговија ќе ги зголеми можностите за извоз, ќе создаде деловни услови за намалување на трошоците и зголемување на ефикасноста на домашните компании.

Слободното движење на работната сила во рамките на европскиот економски простор ќе им овозможи на компаниите да пристапат до нови човечки ресурси, со развиени таленти и напредни знаења, што ќе биде силна поддршка да ја зголемат нивната приспособливост на променливите барања на пазарот“, пишува Битиќи.

Вицепремиерот за економски прашања, Битиќи, потсетува дека ЕУ е наш најголем финансиски поддржувач, донатор и кредитор во сите области, таа ни помага во европеизирањето на македонскиот бизнис-модел.

„Со забрзувањето на евроинтегративните процеси и нивното финализирање со полноправно членство директната поддршка за економија ќе продолжи и ќе биде многу повисока. На државата и на стопанството ќе им бидат достапни нови програми и фондови, кои може да бидат и 11 пати повисоки отколку фондовите и програмите, кои им се достапни на земји кандидати за полноправно членство.

Овие историски шанси, кои се пред нашата економија, не смееме да ги пропуштиме. Не постои друга реална перспектива или алтернатива, која на нашата економија ќе ѝ постави долгорочни и цврсти темели за остварување забрзан, одржлив и долгорочен раст, зголемена конкурентност на компаниите и повисок животен стандард на граѓаните“, се вели во објавата на Битиќи.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik