Инфлацијата во април достигна 10,5%, порасна и каматната стапка

Bez autora
May 12 2022

На редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка беа разгледани најновите движења на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната пол

„По промените во инструментот задолжителна резерва и зголемувањето на основната каматна стапка во април на 1,5 отсто, како превентивен одговор на нагорните движења кај инфлациските очекувања, на мајската седница на Комитетот беше одлучено да се изврши дополнително зголемување на каматната стапка за 0,25 п.п., на нивото од 1,75 отсто. Понудата на благајнички записи на денешната аукција изнесува 10 милијарди денари“, информираа од НБРМ.

При донесувањето на ваквата одлука беа земени предвид најновите движења кај инфлацијата, која и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања. Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и дејствува врз инфлациските очекувања. Оттука, како што се наведува, е и потребата од монетарна реакција и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка.

Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата во април 2022 година забрза и достигна годишна стапка од 10,5 отсто, што упатува дека оваа година инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции.

„Движењата кај домашната инфлација се во согласност и со глобалната инфлација, вклучително и со инфлацијата во регионот на Централна и Југоисточна Европа, каде што просечната инфлација за април е околу 11 отсто. Главните фактори за поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, пред сѐ, цените на храната и енергијата поради растот на цените на примарните производи на светските берзи. Овие преносни ефекти се видливи особено кај економиите како нашата, каде што голем дел од потрошувачката е увозна и каде што учеството на храната и енергијата во потрошувачката кошничка е високо. Имајќи предвид дека храната и енергијата се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, растот на цените станува пошироко распространет. Оттука, поголема динамика се забележува и кај движењето на базичната инфлација. Тековните оцени и натаму упатуваат на отсуство на поизразени притисоци од побарувачката врз цените, а со воениот конфликт во Украина се нагласуваат надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период. Сепак, неопходни се претпазливи домашни политики што нема да предизвикаат дополнителни притисоци и од страната на потрошувачката“, наведуваат од Народната банка.

Девизните резерви и натаму се во сигурната зона. Со оглед на високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата, тековно девизните резерви се на соодветното ниво во согласност со сите меѓународни стандарди. Од почетокот на годината на девизниот пазар имаше зголемена потреби за девизи од компаниите поради повисокиот увоз на енергенти во услови на значителен раст на светските цени на овие производи. Во текот на април и мај овие притисоци значително се намалија заедно со притисоците поврзани со неоснованите шпекулации за курсот, при што тековно девизниот пазар е стабилен, а се забележува и сезонски поголема понуда на девизи.

Во однос на движењата во реалната економија, во 2021 година беше остварен реален економски раст од 4%, во рамките на очекувањата. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2022 година упатуваат на натамошен раст на домашната економија во овој период. Но, со воената ескалација помеѓу Русија и Украина од крајот на февруари, дополнително се влошија веќе нарушените глобални синџири на снабдување и пазарот на енергија, како и довербата на економските субјекти. Ова придонесе за влошување на очекувањата за раст на глобалната, а пред сѐ на европската економија, што неповолно делува врз економските изгледи и врз динамиката на закрепнување на домашната економија за оваа и за следната година, односно растот би бил понизок од очекувањата.

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според првичните податоци за април 2022 година, годишниот раст на кредитите и натаму е солиден при поумерен раст кај депозитите. Притоа кај депозитите на населението се забележува раст на месечна основа во април.

Општо земено, најновите оцени за основните макроекономски параметри упатуваат на потреба од натамошно затегнување на монетарната политика и покрај надолните ризици за економскиот раст и за побарувачката. Ризиците за целокупниот макроекономски контекст се поизразени, а се поврзани главно со надворешното окружување. Ефектите од пандемијата сѐ уште постојат, а нарушувањата во синџирите на снабдување и енергетска криза се уште понагласени поради воениот конфликт во Украина. И понатаму има голема неизвесност, особено за времетраењето и интензитетот на војната во Украина и ефектите од тековните и идните санкции кон Русија. Оттука, неопходни се претпазливи макроекономски политики, кои ќе бидат целни, заради ублажување на ефектите од кризата, но водејќи сметка за инфлациските притисоци. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици и соодветно ќе реагира заради постепена нормализација на монетарната политика.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik