Македонија не е само во енергетска, туку и во економска криза. Инфлацијата е двоцифрена, сиромаштијата галопира, додека стандардот паѓа, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, македонските граѓани плаќаат најскапа струја споредено со граѓаните на другите држави во регионот. Далеку поевтина струја од граѓаните во Македонија плаќаат граѓаните во Србија, БиХ, Турција, Косово, Црна Гора. Тој предлага нов пакет мерки.
Вишоците струја коишто ги произведува поранешно ЕЛЕМ, денешно АД ЕСМ што се јавуваат во текот на ноќта и викендот да бидат отстапени на стопанството по цена што е производна за поранешна АД ЕЛЕМ, денешно АД ЕСМ. Според калкулациите на ВМРО-ДПМНЕ, таа цена нема да надмине вредност од 80 евра за мегават на час. А периодот на апликација на оваа мерка да биде од први ноември 2022 година и до крајот на кризната состојба, 30 април 2023 година. А потоа ќе се продолжува во зависност од новата реагулација на состојбата во Македонија, но и во Европа. Значи вишоците произведени од поранешно АД ЕЛЕМ, денешно АД ЕСМ, коишто не би требало да надминуваат цена поголема од 80 евра за мегават на час, да бидат ставени на користење на стопанството во следните шест месеци почнувајќи од први ноември 2022 година, според нашите пресметки станува збор за 200 до 250 илјади мегават часови, доколку не биде исполнето најоптимистичното сценарио на Владата, односно да биде исполнето само средното сценарио. Станува збор за 200 до 250 илјади мегават часови, појасни Мицкоски.
„Втор предлог, за секоја компанија која ќе плати цена на струја што е над цената на регулираниот пазар на електрична енергија, пропишана од страна на Регулаторната комисија за енергетика, која изнесува приближно 200 евра за мегават час, половина од разликата да ја преземе државата. Според нашите калкулации и според поред првата мерка што ја предлагаме, станува збор за приближно 50-тина милиони евра помош за стопанството. Да ги зачуваме работните места, да продолжиме да произведуваме, да го задржиме извозот за да не ни се случи затворање на компаниите и буквално егзодус на квалификувана работна сила. За секоја цена на мегават час што компаниите ќе ја платат, а ќе биде повисока од регулираната според тарифникот за мали потрошувачи на РКЕ, половина од трошоците да ги плати владата во вид на субвенција.
Предвидуваме викенд без ДДВ за основните прехранбени производи, за да можат да се снабдат граѓаните по пониска цена за да не удираме со ДДВ врз стандардот на граѓаните. Ова го велиме затоа што самата влада се пофали дека има зголемена наплата на ДДВ и тоа се должи само на една причина. Не затоа што имаме поголема активност во економијата, не затоа што има поголема фискална дисциплина, туку поради екстремно високата инфлација. Затоа предлагаме викенд без ДДВ на основните прехранбени производи.
Предлагаме интервенција во Законот за личен доход. Иницијативата со којашто ќе се одложи скалестото оданочување ќе ја поднесеме во Собранието во текот на оваа или следната недела. Тоа ќе почне да важи од 1.1.2023 година, и директно ќе удри на стандардот на граѓаните, а ќе влијае и врз финансиската ликвидност на компаниите. Затоа ние во рамките на Парламентот ќе поднесеме инцијатива за повторно одложување на примената на овој закон, а тоа е Законот за личен доход, односно да бидам попрецизен, скалестото оданочување да се одложи за уште една година, односно до 31.12.2023 година.
Петто, дестерилизираат на благајничките записи во Народната банка. Таму цениме дека има помеѓу 150 и 160 милиони денари пари од банките од фондовите што се наоѓаат запишани во благајничките записи. Да се дестерилизираат со намалена емисија на благајнички записи и тие пари да се вратат назад кај банките, а потоа банките тие пари да ги пласираат до стопанството, односно да ги стават на располагање на стопанството со што ќе ја помогнат ликвидноста на компаниите, а работните места ќе бидат сочувани.
Ова се пет мерки коишто значат директно ублажување на последиците врз стандардот на граѓаните, спас на работни места и поддршка на компаниите да продолжат нормално да работат за да можат да вработуваат наши граѓани, луѓе кои преку работата во тие компании ќе ги прехрануваат своите семејства“, потенцира Мицкоски.
Според него, Владата ниту дејствува брзо, ниту дејствува одлучно во кризи.
Сега, порачува Мицкоски, не е време за бркање политички поени или суети, време е за дејствување.