На крајот на вториот квартал од 2022 година нето надворешниот долг изнесува 3.988 милиони евра (или 29,9 отсто од проектираниот БДП) и бележи квартално намалување за 101 милион евра, или за 2,5 отсто. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето долг со 57 отсто, е истакнато во редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција на Народната банка (НБ).
Според НБ, на крајот на вториот квартал од 2022 година, нето надворешниот долг бележи квартално намалување за 101 милион евра, со што на крајот на јуни 2022 година изнесува 3.988 милиони евра. Притоа, намалувањето на нето надворешниот долг во вториот квартал произлегува од намалувањето на приватниот нето-долг за 122 милиона евра, во услови на зголемен јавен нето-долг за 21 милион евра.
Негативната нето меѓународна инвестициска позиција, се вели во соопштението, на крајот на јуни 2022 година, изнесува 7.770 милиони евра, или 58,3 отсто од проектираниот БДП за 2022 година. Од овој износ, најголемиот дел, или 83 отсто, се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, од кои 73 отсто се врз основа на сопственички капитал.
Кварталното намалување на јавниот надворешен долг од 139 милиони евра, додаваат, е резултат на намалувањето на долгот на секторот „држава“ (за 210 милиони евра), во услови на зголемен долг на јавните банки и јавните претпријатија (за 67 милиони евра). Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на небанкарскиот приватен сектор (за 52 милиона евра), на приватните банки (за 28 милиони евра) и на капитално поврзаните субјекти (за 11 милиона евра).
Нагласуваат дека бруто надворешните побарувања, на крајот на вториот квартал од 2022 година, изнесуваат 6.391 милион евра (или 48 отсто од проектираниот БДП) и забележаа квартално зголемување од 486 милиони евра (или за 8,2 отсто).
Во споредба со крајот на претходната година, како што вели, бруто надворешните побарувања се повисоки за 476 милиони евра.
Како што посочуваат на 30.6.2022 година, нето надворешниот долг изнесува 3.988 милиони евра (или 29,9 отсто од проектираниот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во вториот квартал од 2022 година, е намален за 101 милион евра, или за 2,5 отсто.
Во текот на вториот квартал од 2022 година, посочуваат дека негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 41 милион евра и изнесува 7.770 милиони евра, што претставува 58,3 отсто од проектираниот БДП за 2022 година.