Просечната месечна исплатена нето-плата од вработен во мај 2023 година изнесува 36.465 денари и таа е повисока 16,1 отсто во однос на истиот месец минатата година. Зголемувањето е 5.058 денари, велат од Владата.
Во согласност со Државниот завод за статистика, ваквото зголемување, како што појаснуваат, се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата од вработен во секторите: административни и помошни услужни дејности (25,5 %), стручни, научни и технички дејности (21,4 %) и финансиски дејности и дејности на осигурувањето (18,8 %).
„Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата од вработен во однос на претходниот месец е забележано во секторите: други услужни дејности (5,3 %), стручни, научни и технички дејности (5,0 %) и транспорт и складирање (4,3 %).
Владините мерки даваат позитивни резултати и просечната нето-плата во земјата континуирано расте и во услови на најголемата светска економско-енергетска криза. Наша цел е подобар стандард на граѓаните и подобро платени работни места. Платите на граѓаните и во иднина ќе растат бидејќи сите владини политики се насочени кон подобрување на животниот стандард“, се истакнува во владиното соопштение.