И покрај енергетската криза што ја зафати не само Северна Македонија, туку и целиот свет, развојот и инвестициите во енергетскиот сектор се еден од главните приоритети на Владата, со главна цел обезбедување одржливо снабдување со енергија, како и придвижување кон зелена економија.
Во изминатите неколку години Владата направи неколку реформи во енергетскиот сектор со што започнавме процес на декарбонизација, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање на Конференцијата „Западен Балкан: Трансатлантска и регионална соработка – градење силни сојузи“ која што денеска се одржа во Вашингтон.
Министерот Бектеши се обрати на панел дискусијата на тема: Енергетска диверзификација: Кон европската енергетска независност, на која што се дискутираше за предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан во процесот на декарбонизација и промоција на обновливи извори на енергија.
Министерот во своето обраќање потенцираше дека потребата од енергетска трансформација на Западен Балкан што значи декарбонизација и зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија е еден од најголемите приоритети, пред се во услови на енергетска криза.
“Северна Македонија е првата земја членка на Енергетската заедница, која изработи Национален план за енергија и клима, кој опфаќа декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија и истражување, иновации и конкурентност. Декарбонизацијата е и еден од главните столбови на националната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година. Зависноста на земјата од увоз на природен гас, како и од повеќето горива, го прави сценариото за декарбонизација значително ранливо на превирањата на пазарите за јаглен, нафта, природен гас и електрична енергија, предизвикани од руската инвазија на Украина” кажа министерот Бектеши.
Како обрски кои ги има превземено Северна Македонија во делот на декарбонизација предвидуваат во наредниот период да за затворат термоелектраните и со тоа да се стопира производството на електрична енергија од јаглен, да се зголеми учеството на обновливите извори во енергеткиот сектор – процес кој веќе е започнат со инвестиции во фотонапонски централи, како и намалување на зависноста од увоз на електрична енергија.
„Северна Македонија постигна значителен напредок во декарбонизацијата и климатските активности во националните стратешки и акциски документи за енергија и клима. Согласно Стратегијата за развој на енергетиката, учеството на ОИЕ во бруто-финалната потрошувачка на енергија се очекува да се зголеми, достигнувајќи во опсег од 35-45% во 2040 година“ кажа Бектеши.
Министерот потенцираше дека Северна Македонија во делот на природниот гас во моментот е целосно зависна од рускиот гас, но со поддршка на нашите партнери САД и ЕУ минатата година државата успеа да обезбеди дополнителни капацитети во гасоводот со Бугарија, а до крајот на годината ќе започне и изградбата на интерконекторот со Република Грција со што ќе се диверзифицираат изворите за снабдување со овој енергенс.
“Работиме на гасно поврзување со Србија и со Косово што би значело поголема енергетска независност на регионот” кажа министерот.
На панел дискусијата “Енергетска диверзификација: Кон европска енергетска независност” се обратија Џефри Пајат, помошник државен секретар за енергетика во Стејт Департментот, Ана Новаковиќ Ѓуровиќ, министер за животна средина,, просторно планирање и урбанизам на Црна Гора, Ведран Лакиќ, министер за индустрија, рударство и енергетика на Федерацијата БиХ.