Над 15.000 вработени во зоните, постигнати договори за инвестиции од над 240 милиони евра, како и договорена најголемата инвестиција досега од основањето на ТИРЗ од 126 милиони евра на германски „Гересхајмер“ се клучните достигнувања и ефекти од работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од 2022 година.
„Првпат во јуни ја поминавме границата од 15.000 вработени во зоните, што е за 1.000 нови работни места само од почетокот на годинава. Ова се веќе првите ефекти од инвестициите што ги постигнавме минатата година, а со кои се предвидува отворање над 2.700 работни места во следните години. Успеавме да ја постигнеме и најголемата инвестиција во зоните досега. Германската фармацевтска компанија ‘Гересхајмер’ ќе вложи 126 млиони евра. Ова е само прва таква голема инвестиција. Веќе разговараме со двајца нови инвеститори чии одделни вложувања се над 100 милиони евра. Со ова Северна Македонија влегува на мапата на земји што имаат капацитет и услови за сериозно големи висококвалитетни инвестиции, од кои има директен бенефит за граѓаните и државата“, изјави денеска Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, при презентација на резултатите од првите шест месеци и идните планови на Дирекцијата.
Тој посочи дека само во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции со 5 компании во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договора во висина од 160 милиони евра.
Деспотовски најави и дека во тек се преговори со американско-тајванска компанија за инвестиција над 250 милиони евра, која ги разгледува Западен Балкан и Кина како опција за инвестирање, а Северна Македонија во регионот е во конкуренција со Хрватска и Србија.
Анализата на ТИРЗ покажува дека само постигнатите договори во првиот семестар треба да донесат речиси 3.000 нови работни места, да остварат вкупен приход над 2,2 милијарди долари, а во буџетот да се слеат над 130 милиони евра на основ на придонеси, персонален данок и данок на добивка.