Нови два откупно-дистрибутивни центри по европски стандарди во Струмица и Ресен

Bez autora
Dec 26 2023

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше на потпишувањето на договорот за избор на консултантска компанија за почнување постапка за изградба на откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен, каде што имаше обраќање.

Новите откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен ќе бидат клучни во обезбедувањето стандардизирано производство, сортирање, пакување, складирање и подготовка за преработка на земјоделските производи.

„Со денешното потпишување на договорот се преземаат подготвителни активности за реализација на два откупно-дистрибутивни центри во нашите најголеми производствени региони, Струмица и Ресен, кои заедно со новата логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје ќе создадат услови за воспоставување национален систем за дистрибуција на храна“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на настанот заблагодарувајќи се на поддршката на Светската банка во износ од 46 милиони евра.

„Со реализација на овие капитални проекти ги зголемуваме квалитетот и безбедноста на нашата храна и помагаме на нашите земјоделци да станат поконкурентни на домашните и странските пазари, а на македонското земјоделство му овозможуваме да се трансформира во поконкурентно, поквалитетно и современо задоволувајќи ги европските и светските стандарди.

Помагаме во развојот на домашното производство на храна, пред сè, на нашите земјоделци за зголемување на квалитетот на своите производи, а од друга страна, овозможуваме отворање нови работни места и подобар пласман на нашите производи во странство“, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот посочи дека Владата инвестира во сите сектори и дека со поддршка на земјоделството ѝ се помага на државата да ја оствари евроинтеграциската визија.

„Приоритетите на земјоделците ги ставивме на врвот на нашата агенда. Како ниедна влада досега презедовме низа мерки со кои застанавме партнерски со земјоделците и овозможивме олеснување на условите во кои работат. Станавме дел од нивните решенија, а не дел од нивните проблеми“, нагласи премиерот Ковачевски, кој порача дека само со заедничка работа можеме да ја однесеме земјата во ЕУ.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека договорот во износ од речиси половина милион евра, кој денес ресорното министерство го потпишува со избраното консултантско партнерство, составено од Глобалтек Десаролос, Коленко ДООЕЛ, Њу вижен ДОО и Бирото за урбанизам Битола ДООЕЛ, е поделен во три фази. Фазите вклучуваат избор на локација, урбанистичко планирање, физибилити-студија, стратешки и бизнис-план, процени на влијанието врз животната средина и социјални аспекти, главен проект и финализирање на планот за управување со животната средина и социјалните аспекти.

„Овие откупно-дистрибутивни центри ќе бидат од суштинско значење за зајакнување на конкурентноста, пристап до меѓународни пазари и остварување повисоки награди, што би донело директни економски придобивки за регионот“, нагласи министерот Николовски.

Новиот откупно-дистрибутивен центар во Ресен предвидено е да се простира на површина од речиси 10.000 м2 и да процесира од 5.000 до 8.000 тони овошје.

А откупно-дистрибутивниот центар во Струмица ќе претставува клучен објект во регионот на интензивно производство на зеленчук за кој е потребно складирање и ладење, сортирање, пакување или подготовка за преработка.

Координаторката на проектот за модернизација на земјоделството од Светската банка, Ивана Наумовска, претставувајќи го проектот, рече дека очекуваат да се испорачаат сите предвидени активности. Проектот за модернизација на земјоделството, како што нагласи Наумовска, се имплементира во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во вкупен износ од 50 милиони евра, од кои 46 се заем од Светската банка и 4 милиони се од ЕУ – ИПА-грант, што се само за поткомпонентата 2.3 – воспоставување систем за управување со нус-производи од животинско потекло.

Целта на проектот е да се подобри конкурентноста на земјоделскиот сектор во Република Северна Македонија и да се зајакнат капацитетите на државните институции во контекст на процесот кон пристапување во ЕУ.

Директорот на „Коленко“ ДООЕЛ, Никола Битрак, истакна дека се планира најмодерна технологија и одржливост од енергетски аспект, а тие ќе дадат сè од себе во рок да се исполнат целите на договорот и земјоделството да биде на повисоко ниво.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik