Продолжува растот на вработени и на извозот во технолошко-индустриските развојни зони и во јули, покажува редовната анализа на ТИРЗ.
Само за еден месец во компаниите во зоните отворени се речиси 100 нови работни места, со што заклучно со јули, од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се реализирани над 1.100 нови вработувања. Со ова вкупниот број на вработени во јули порасна и достигна 15.085, што е 6% повеќе во споредба со јули минатата година, односно 14,5 % повеќе во однос на јули 2020 година.
Според анализата, ваквиот тренд се очекува да продолжи со оглед дека ова е резултат на инвестициите постигнати изминатата година со кои се предвидува отворање на над 2.700 работни места во следниве години.
Позитивниот тренд на раст од почетокот на годинава продолжува и во однос на извозот и увозот. Во првите седум месеци од 2022 извозот од ТИРЗ достигна речиси 2 милијарди евра, што е највисок во последниве четири години.
Извозот во периодот од јануари до јули е 13 % повисок во однос на истиот период во 2021, односно 77 % повисок во однос на 2020 и 23 % и 47 % повисок во споредба со 2019 ,односно 2018 година.
Само во јули компаниите во ТИРЗ имаат извоз од 280 милиони евра, што е 25 % повеќе од јули минатата година.
Регистрирано е и највисоко ниво на увоз од 1,83 милијарда евра во првите седум месеци од годинава во споредба со истиот период во изминатите четири години. Ова е 4 % повеќе во однос на увозот од јануари до јули во 2021, односно 83 % во споредба со 2020, и 21 % и 64 % повеќе во споредба со 2019, односно 2018 година. Месечниот увоз во ТИРЗ во јули достигна 230 милиони евра и е на речиси исто ниво со јули 2021 година. Заклучно со јули и нето-извозот е 9 %.
И покрај глобалните политичко-економски случувања, се очекува ваквиот тренд да продолжи до крајот на годинава, со што според процените извозот може да го надмине минатогодишното рекордно ниво од 3 милијарди евра извоз годишно.