Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска, на прес-конференција, на земјоделците им ги презентира новите мерки за 2024 година за поддршка на секој земјоделец.
Креирајќи повеќе нови мерки за поддршка на сточарите, со право велиме дека оваа 2024 година ќе биде година на сточарството. Креираме нова мерка за поддршка во одржување на ливадите во висина од 6.000 денари по хектар. Го помагаме сточарството зголемувајќи им ја платата за овчарите. Токму оваа 2024 година, сточарите, заедно со земјоделците, ќе добијат авансна исплата на 30 % од основните субвенции за 2024 година. Исплатата, пак, на дополнителните 70 % од субенциите кај сточарството се поврзува со предавање на производството во регистрирани преработувачки капацитети, млекарница или кланица. За поголем мотив, пред сè, кај сточарите, го менуваме максималниот износ на директните плаќања по корисник“, рече Николовски.
Целта на ваквата измена, според него, е да се поттикнат сточарите во сопствено производство на храна за животните што ги одгледуваат, што би придонело во намалување на нивните трошоци, но и во намалување на крајната цена на производите, како месото, млекото и јајцата.
Најави дека од оваа година поддршката до сите земјоделци за мерката зелена нафта се зголемува на 100 %.
Производителите на житни култури оваа година добиваат 3.200 денари за хектар поддршка за зелна нафта. За производителите на индустриски култури поддршката за зелена нафта изнесува 4.800 денари за хектар. Кај градинарството поддршката за зелена нафта изнесува 9.600 денари за хектар, а кај овоштарите 12.000 денари за хектар. Производителите на орев и питом костен добиваат поддршка за зелена нафта од 6.000 денари за хектар, најави министерот.
Покрај сточарството, нови мерки се предвидени и кај растителното производство. Поголема поддршка има и за лозарите за остварено производство на грозје, како и за овоштарите. Целокупното производство на јаболка, индустриски и конзумни, предадени кај регистрирани откупувачи, или регистрирани преработувачки капацитети, се поддржува со дополнителни 2 денара за килограм.
„Со 10 милиони евра преку програмата за рурален развој го модернизираме македонското земјоделство. Преку програмата за рурален развој продолжува поддршката за младите земјоделци и руралната жена, а оваа 2024 година поддршка на земјоделците обезбедуваме при набавка на комбајни за жито и набавка на трактори. Земјоделците во првата половина од годината може да го очекуваат и повикот за мерката 3 од ИПАРД 3-програмата. Од страна на Платежната агенција почнат е процесот за обработката на пристигнатите апликации од првиот повик, што го распишавме од ИПАРД 3-програмата, за мерките 1 и 7. Веќе за втората половина од годината очекуваме да се склучат и договорите од првиот повик за мерките 1 и 7, како и нов повик за овие мерки од ИПАРД 3-програмата“, најави Николовски.