Николовски: Македонското вино го позиционираме високо на светската винска мапа

Bez autora
Oct 10 2023

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Црна Гора, г. Владимир Јоковиќ, присуствуваа на манифестацијата „Светскиот ден на ‘вранецот’“, која традиционално петти пат се организира од страна на здружението „Вина од Македонија“.

Станува збор за значаен вински настан, каде што на едно место се обединуваат домашните и регионалните производители на вино, вински експерти и љубители на виното, кои може да разменат нови искуства за сортата „вранец“.

Оваа година на манифестацијата „Светскиот ден на ‘вранецот’“ учество зедоа повеќе винарници од Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и од Косово претставувајќи се со повеќе од 50 вина „вранец“.

„За нас како министерство и Влада, лозарството и винарството се едни од најважните сектори. Во сите овие години тоа повеќепати и на дело сме го докажале посветувајќи сериозно внимание, креирајќи мерки и политики за поддршка и развој на лозарството и винската индустрија, како и силна домашна и меѓународна промоција на нашето убаво македонско вино“, истакна во своето обраќање министерот Николовски.

Како Министерство секогаш сме отворени за соработка со земјоделците и здруженијата на земјоделците остварувајќи одлична соработка со здружението „Вина од Македонија“, здружението „Тиквешките семејни винарници“, но секогаш сме го слушаме и гласот на секој лозаропроизводител креирајќи ги заедно мерките за поддршка на овие значајни сектори.

„Мерките што сите овие години заедно ги создаваме за развој на овие два сектора веќе ги даваат своите резултати. Тоа се факти и бројки со кои треба да се гордееме. Македонското вино се искачи на 13. место во светот по остварен девизен прилив од извоз на вино. Од година на година бележиме зголемување на извозот на вино во шишиња наспроти извозот на налевно вино. Изминатите седум години, од 2016 до 2022, како Министерство за лозарите и винарниците сме исплатиле поддршка од речиси 90 милиони евра по разни основи. Па, така, на пример, ако го земеме само девизниот прилив од 2022 година, кој изнесува околу 60 милиони евра, можеме да видиме дека само во една година сме вратиле назад во буџетската каса две третини од овој износ. Успешни резултати бележиме и во првите шест месеци од оваа 2023 година кога вкупниот извоз на вино достигнува вредност од речиси 40 милиони евра“, истакна министерот Николовски.

Овие бројки само потврдуваат зошто овие два сектора се високо во приоритетите на министерството и Владата, но и дека креираните мерки до сега ги даваат очекуваните резултати. Во текот на годините успеавме да ги одржиме производството и површините со лозови насади, а притоа да ја зголемиме вредноста на извезеното вино.

Вината од Црна Гора беа дел од денешниот настан на која се обрати и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Црна Гора, г. Владимир Јоковиќ.

„Црна Гора ја изразува својата отвореност во однос на широката палета и понуда на вина од регионот и нашето очекување е слична позиција да имаат и нашите вина кога настапуваат на регионалните и пошироките пазари. Тоа подразбира позиција, отвореност и укинување на постојните бариери. Заедничката работа, создавањето заеднички вински приказни и поврзувањето на винските патишта од регионот придонесува кон поголема промоција на меѓународните пазари“, рече Јоковиќ.

Со донесувањето на националната стратегија за развој на винарството и лозарството 2023-2033 пред нас си поставивме и нови цели. Стратегија што исто така заедно ја подготвивме, со вклученост на „Вина од Македонија“, малите и поголемите винарници и лозарите.

Според поставените приоритетни цели во оваа национална стратегија за развој на винарството и лозарството, крајниот резултат што сакаме да го постигнеме е да имаме зголемување од 50 % во литри и во евра на извозот на вино во шишиња, зголемување од 10 % на вредноста на налевното вино во евра, воспоставување најмалку три заштитени географски ознаки, минимум 10 % од виното пуштено во промет да носи географска ознака до крајот на 2033 година, за минимум 30 % обновување на лозовите насади и зголемување од 5 % на површината под лозови насади и 4 % од лозовите насади да произведуваат органско сертифицирано винско грозје.

Како резултат на оваа десетгодишна стратегија треба да произлезат селектирани клонови за „кратошија“, „вранец“ и за „станушина“, да има јавно достапен и функционален дигитализиран лозарски катастар и развиен вински туризам со 15 % зголемен број посети во винарските визби до крајот на 2033 година.

Манифестацијата „Светскиот ден на ‘вранецот’“ со над 1 милион денари и оваа година е финансиски поддржана од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik