Професионалните земјоделци имаат право и на дополнителни субвенции.
Кај три категории производители има зголемување на финансиската поддршка од 5 до 20 проценти. Еден корисник најмногу може да добие до 18,4 милиони денари.
Во првата категорија, условот за користење дополнителна помош од 5 проценти го остварува регистрирано правно лице што е основано од семејно-земјоделско стопанство со целиот земјоделски имот освен објектите за домување.
Втората категорија се младите земјоделци носители на семејно-земјоделско стопанство кои ќе имаат право на уште 10 проценти од основниот износ на субвенциите поради нивното останување во руралните средини и за стимулирање на работењето во оваа дејност.
Третата категорија со поголема финансиска поддршка се регистрираните индивидуални земјоделци или регистрираниот земјоделец согласно Законот за пензиското и инвалидско осигурување.
За нив, субвенциите се поголеми за 20 проценти.
За земјоделските стопанства кои вршат земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности висината на директни плаќања е поголема за 15 посто.
Вкупниот максимален износ на директни плаќања, збирно за еден корисник, пресметан во зависност од големината на површината на земјоделското земјиште и бројот на грлата на добиток не може да биде поголем од 18 милиони и 450 илјади денари.