Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска се обрати на настанот со наслов „Зајакнување на приспособливоста и растот на микро, малите и на средните претпријатија“ во рамките на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, што го спроведува консалтинг за стратешки развој со финансиска поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД.
Министерот Бектеши во своето обраќање потенцира дека преку подобрување на мерките за ублажување на негативното влијание на кризите, подобрување на организациската поддршка и економскиот јакнење на жените, претпријатијата ќе постигнат поголема конкурентност и инклузивност.
„Денеска имаме можност да го проследиме настанот, кој во континуитет се имплементира заедно со УСАИД за зајакнување на капацитетите во делот на екосистемот, во делот на поддршката на сите наши асоцијации сè со цел да им излезат во пресрет попрофесионално и на најдобар можен начин на нашите микро и мали компании. Ние како Министерство за економија целосно ги поддржуваме ваквите проекти имајќи предвид дека дизајнираме мерки сè со цел да имаме одржлив економски развој, а особено да се излезе во пресрет на потребите на микро и малите компании, кои се и двигатели на економскиот развој во нашата држава и кои креираат најмногу работни места во нашата држава“, рече министерот.
Бектеши потенцира дека Министерството за економија, имајќи го предвид значењето на микро, малите и на средните претпријатија и на претприемаштвото како двигатели на економијата, презема разни мерки и активности за финансиска и нефинансиска поддршка со цел унапредување и подобрување на конкурентноста на претпријатијата преку поддршка за имплементирање на стандардите за квалитет, за набавка на нова и модерна опрема, како и за јакнење на институционалната инфраструктура за поддршка на ММСП, претприемаштвото и занаетчиството.
Посочи дека треба во континуитет да се креираат можности и да се работи на поддршка на жените што сакаат да отворат свои бизниси, а секако и развој на оние жени што веќе поседуваат некаков бизнис.
„Благодарение на успешната соработка во изминатиот проектен циклус, Министерството за економија од септември 2022 година ја продолжува соработката во рамките на новиот проект ‘Активност за јакнење на деловниот екосистем’, финансиран од УСАИД со цел понатамошно јакнење на деловните здруженија како клучни партнери во креирањето на политиките за зголемена конкурентност и продуктивност на микро, малите и на средните претпријатија“, рече министерот.