Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, денеска посети уште една компанија, која средствата од ИПАРД-програмата ги вложила за иновација и трансформација на своите производствени капацитети.
Компанијата „Фор лејди“, која се занимава со производство на хулахопки и чорапи, почнала проект за развој на иновација и трансформација на бизнис-моделот од линеарен во циркуларен. Машините што ги обезбедиле преку ИПАРД ги зголемиле капацитетот и квалитетот, имаат и дополнителен импакт во производствениот процес, односно ја исфрлаат употребата на пластиката и користат енергетски ефикасни машини, кои заштедуваат енергија.
„Владата прави сè за европските пазари повеќе да не се недостижни за нашите компании. Со мерките и стратегиите што ги спроведуваме создаваме услови европските земји да бидат потенцијал за создавање нови партнерства со компаниите од нашата земја. Така вложуваме во економски раст, така ја правиме конкурентна и работната сила од нашата земја. На тој начин правиме младите што работат во наште домашни компании, нивното знаење, креативност, стручност и експертиза, да бидат препознаени и ценети на меѓународните пазари“, изјави премиерот Ковачевски за време на посетата.