Нови 280 договори за државна помош за компании

Bez autora
Aug 01 2022

Денеска, по завршувањето на тематската владина седница, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министерот за економија, Крешник Бектеши, одржаа заедничка прес-конференција за доделување на договорите за државна поддршка според Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Вицепремиерот Битиќи соопшти дека оваа година ќе се потпишат нови 280 договори за поддршка со компании што влегуваат во инвестициски циклуси од речиси 145 милиони евра и ќе креираат повеќе од 3.700 работни места во наредните 5 години или до завршувањето на нивните договори.

Додека, пак, само во 2021 година овие 280 компании инвестирале 50-ина милиони евра и креирале над 1.500 нови работни места.

„Преку овој закон во изминатите 5 години, колку што се спроведува оваа мерка, склучени се договори за поддршка со 633 компании, кои се опслужуваат од кабинетот на ЗПВРМ за економски прашања и инвестиции како оne stop shop, од кои:

2018 г. – 99 договори – исплатени 3,1 милиони евра – 100 % исплата на државна помош;
2019 г. – 108 договори – исплатени 6,8 милион евра – 70 % исплата на државна помош;
2020 г. – 38 (поради ковид-кризата) – исплатени 11,6 милиони евра – 100 % исплата на државна помош и 2021 година – 108 договори – исплатени 12,7 милиони евра – 100 % исплата на државна помош.

И во 2022 година потпишани се рекордни 280 договори“, изјави вицепремиерот Битиќи.

Посочувајќи дека нашите компании уште еднаш покажаа колку се агилни и во вакви тешки времиња инвестираат во подобрување на нивната конкурентност, нивните продукти, воведуваат нови производствени линии заради зголемена ефикасност и продуктивност.

Министерот Бектеши, пак, изјави дека преки ЗФПИ дадени се над 50 милиони евра на домашните компании.

„За четири години, само преку одобрување на Законот за финансиската поддршка на домашните компании дадени им се над 50 милиони евра. Претходно, не беше ни над 5 милиони евра. Имајќи предвид дека само Фондот за иновации имаше годишен буџет од 1 милион евра. Тука не се вклучени компаниите што се финансирани од Фондот за иновации и технолошки развој. Станува збор за над 600 компании, од кои 80 % имаат домашен капитал. Се реализира определбата што ја имавме како Влада, што значи дека домашните компании ќе бидат третирани исто како и странските во Северна Македонија. Секоја поддршка што ќе им се даде на компаниите има додадена вредност во зголемувањето на извозот, но и во отворањето нови работни места“, рече Бектеши.

Бектеши нагласи и дека веќе се финализира одобрувањето на новата стратегија (Стратегија за специјализација), која е во согласност со барањата на Европската комисија.

„Оваа стратегија ќе ги идентификува главните сектори во нашата земја, со кои тие може да имаат додадена вредност и ќе бидат поконкурентни не само во регионот туку и на европските пазари“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Како што најавија вицепремиерот Битиќи, и министерот за економија, Крешник Бектеши, од в година ќе бидат воведени дополнителни измени во законот, според кои корисници на државна помош ќе може да бидат компании кои се во дејностите што ќе бидат измапирани како приоритетни според смарт-специјализацијата.

„Дополнително, ќе се допрецизира минималниот праг на инвестиција, како и минималниот инвестициски циклус. Заедно со Министерството за економија, ќе најдеме соодветен начин на третирање на државната помош за микро и мали износи на инвестиции и начинот на нивна поддршка, како и оние поголемите стратешки инвестиции на компаниите.

Со ова стабилно и структурно работиме на реструктурирање на домашната економија во нова развојна економија, која се темели на производство со поголема додадена вредност, преработувачка индустрија, истражување и развој“, истакна Битиќи надоврзувајќи се на минатогодишните измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои го поттикнуваат рамномерниот регионален развој, инвестициите во истражување и развој, како и измената за исплата на државната помош во две транши, со што Владата дополнително влијае на зголемување на ликвидноста на компаниите.

„Претходната година беа направени измени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, една од нив е тоа што првпат државната помош ќе се исплаќа во две транши, со што дополнително им помагаме на компаниите во нивната ликвидност во текот на годината, а тие повторно може да ги реинвестираат во продуктивни инвестиции.

Дополнително, беа направени измени во законот, со кои преку воведените афирмативни мерки компаниите добиваат дополнителен стимул за рамномерен регионален развој, односно поголем процент на поддршка добиваат оние компании што имаат инвестирано во помалку развиените плански региони.

Ова е исклучително важно бидејќи поради тоа, оваа година повеќе од 70 % од компаниите се надвор од најразвиениот Скопски Регион, во помалку развиени региони од земјата, која покажува дека само со стимулативни мерки за рамномерниот регионален развој ние можеме да ги намалиме јазовите помеѓу сите региони во нашата држава.

И она за што лично сум среќен, оваа година имаме 22 компании што аплицираат за финансиска поддршка по мерката R&D или истражување и развој.

Сите овие горенаведени форми на поддршка се уште еден силен доказ дека оваа Влада, како ниедна претходна, е посветена за поддршка на стопанството во насока на рамномерен регионален и забрзан технолошки развој, внесување иновации и дигитализирање на процесите, што придонесува за поголема продуктивност и конкурентност на компаниите на домашниот и на меѓународните пазари“, истакна Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи на прес-конференцијата се осврна и на креирањето на првиот дигитален AI-асистент за државна помош, кој ќе се базира на вештачка интелигенција, ќе ги прави достапни сите информации, повици, процедури за добивање државна помош, а во следната фаза и ќе комуницира дел од грижата за корисници за оние што веќе ја добиваат.

„Ја дигитализиравме државната помош за сите инвеститори, со што целиот процес ќе биде уште потранспарентен, брз и ефикасен и она што за мене е важно – информациите ќе бидат достапни за сите, со што ќе се оневозможат сите евентуални манипулации и злоупотреба со нив.

Асистентот ќе зборува на три јазици: македонски, албански и англиски и е само првиот чекор од многуте што следуваат за дигитализација, со што директно и Владата ги поддржува иновативноста и стартап-заедницата во земјата“, истакна Битиќи најавувајќи го и следниот чекор во развојот и подобрување на ефективноста и ефикасноста на доделената државна помош преку креирањето менаџмент-информациски систем за државна помош.

„Овој систем е и во согласност со регулативите на Европската Унија и веќе ги почнавме првите подготовки за неговото поставување. Менаџмент-информацискиот систем за државна помош ќе ни овозможува следење и мерење на импактот што државната помош го има во развој на економијата, што ќе ни овозможи да ја насочуваме во области што се со додадена вредност и влијаат на забрзување на растот и развојот“, изјави Битиќи.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik