Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – AETM, во рамките на проектот „Дигитално подготвени за е-трговија“, објавува јавен повик за учество на заинтересирани компании во програмата за поддршка на микро, мали и средни претпријатија и регистрирани индивидуални производители, кои доаѓаат од следниве три сектори: агропроизводство (производи од свежи или процесирани овошја и зеленчук); лесно производство – облека и текстил и преработка на дрво и производство на мебел; влезен туризам за следните видови туризам: екотуризам, рурален туризам и авантуристички туризам.
Проектот „Дигитално подготвени за е-трговија“, поддржан од проектот на УСАИД за економски развој, управување и раст на претпријатијата (EDGE), а спроведуван во соработка со Албанската асоцијација за е-трговија, има цел да ги унапреди дигиталните вештини на вкупно 60 избрани учесници од двете земји, кои доаѓаат од избраните три сектори и да им помогне да отворат дополнителен канал за продажба преку поврзување со локалните веб-платформи за е-трговија.
Избраните кандидати ќе имаат можност да присуствуваат на три едукативни тренинг-сесии со физичко присуство, кои ќе бидат адаптирани според нивните специфични потреби, а по завршување на сесиите, учесниците ќе имаат можност да бидат поврзани со локалните постојни веб-платформи за е-трговија и да започнат со онлајн-продажба на нивните производи и услуги преку отворање е-продавница.
Аплицирањето е бесплатно и се одвива онлајн преку веб-страницата на АЕТМ на следниот линк. Аплицирањето за учество во програмата ќе трае до вторник, 24 октомври 2023, 23.59 часот. Учесниците ќе бидат избрани од страна на тричлена комисија, составена од експерти за е-трговија, која индивидуално ќе ги оценува апликациите.
Оваа иницијатива им дава можност на избраните учесници да го зајакнат своето онлајн-присуство и да ги унапредат своите вештини, знаења и компетенции потребни за раст во дигиталната ера.
АЕТМ преку овој проект ги потврдува своите интензивни заложби за раст на е-трговијата во Македонија и регионот преку соработка со домашните и регионалните бизниси помагајќи им да стекнат квалитетна едукација, воспоставување онлајн-присуство и размена на најдобри практики сè со цел зголемување на нивната продажба и искористување на целосниот потенцијал за раст.
Сите подетаљни информации поврзани со јавниот повик се достапни овде.