Државниот завод за статистика (ДЗС) објави информација дека трговскиот дефицит на Македонија изнесува 1 614,0 милиони евра.
Наедно, ДЗС објави дека покриеноста на увозот со извоз, во периодот
јануари-јуни 2024, изнесува 70,9 отсто. Вкупната вредност на извозот на
стоки од нашата држава, според статистиката на ДЗС, која се однесува на
првото полугодие од годинава, односно во периодот јануари-јуни 2024
година, изнесува 3.930 милиони евра и бележи пад од 7,6 отсто во однос
на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во
истиот период, изнесува 5.544 милиони евра, што е за 0,1 отсто повеќе
во споредба со истиот период од 2023 година.
Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од
битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група
и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите
на платина, необработени или во прав, и електричната енергија.
Во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со
благородни метали или нивни соединенија, сетовите на спроводници за
палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од
подгрупата 821,1 и други катализатори на носачи.
Во периодот јануари-јуни 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, нашата земја најмногу тргувала со Германија, па потоа со Велика Британија, Грција, Кина и со Србија.