Туристичкиот сектор во Македонија бара формирање посебно министерство за туризам.
Туризмот е потенцијален извор на приходи за нашата земја. Новата влада во својата програма најави реорганизација на министерствата, во која планира да го префрли туризмот од Министерството за економија во Министерството за култура, со што повторно кај туристичките работници заживеа идејата за формирање посебно министерство за туризам. Упатените во овој сектор велат дека доколку се формира министерство за туризам со компетентни луѓе, кои ќе се зафатат со решавање на проблемите во секторот, можеме да го искористиме овој потенцијал. Но, важно е да се управува соодветно, да се инвестира во маркетинг и да се поддржуваат локалните заедници. Оваа идеја се провлекува повеќе од две децении, но досега ниту една влада не прифатила да ја реализира преку формирање посебно министерство.
Туризмот да се дигне на висок (економски) пиедестал
Туристичките работници велат дека новата влада треба да ги има предвид
светските случувања, каде што туризмот се смета како еден од главните
економски носители на растот на бруто-домашниот производ (БДП), пред да
одлучи дали ќе формира посебно министерство или ќе го вметне во рамките
на друго министерство, практика што не се покажа функционална во
изминатиот период кога туризмот беше сектор во Министерството за
економија. Тие се за посебно министерство, кое, според нив, би го
подигнало туризмот на повисоко ниво не само за решавање на проблемите во
секторот туку и за зголемување на рејтингот на земјата како туристичка
дестинација и како држава, но и во однос на користењето пари од
Европската Унија за туристички проекти.
Туристичките работници велат дека земјите што најмногу профитираат од
туризмот имаат формирано министерства за туризам. Од регионот такви
министерства имаат Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија, Бугарија и
Грција.
Хрватска како пример
Хрватска е одличен пример за тоа дека од туризмот може да се живее,
поаѓајќи од фактот дека таму сега 20 отсто од БДП е од туризмот. И во
минатото Хрватска се задолжувала со кредити, но само за да се изгради
инфраструктура, автопатишта, мостови и слично. Не трошела кредити за
исплата на плати и пензии, туку на капитални инвестиции. Со таа
инфраструктура Хрватска дополнително ги засили приходите од туризмот
бидејќи сега туристите многу побрзо и полесно можат да дојдат до морето.
Бродоградбата, која порано беше главна транспортна индустрија во
Хрватска, сега е на некои 2 отсто од БДП. Затоа Македонија треба да
инвестира во инфраструктура, да ги одржуваме туристичките капацитети, за
да може подоцна да имаме добивка од туризмот, од кој имаме одлични
можности – езера, планини, зимски спортови, археолошки локалитети,
вински туризам.
Според Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арботравел“,
идејата за формирање министерство за туризам се провлекува уште од
крајот на 1990-тите, поведена од секторот туристички агенции и
хотелиери. Тој споменува дека туристичката индустрија е главен економски
двигател во многу земји и ги зголемува приходите на економијата, отвора
илјадници работни места, ја развива инфраструктурата на една земја и го
всадува чувството за културна размена меѓу странците и граѓаните, а
наедно значаен е бројот на работни места создадени од туризмот во многу
различни области.
– Владата игра витална улога во туристичката индустрија. Тоа може да помогне да се промовира туризмот, да се развие инфраструктурата и да се заштити животната средина. Една од специфичните улоги што Владата може да ги игра во туристичката индустрија е да развие политики што го промовираат туризмот, како што се даночни олеснувања за инвеститорите во бизниси поврзани со туризмот или укинување на визите за туристи од одредени земји. Потоа Владата може да инвестира во туристичка инфраструктура, како што се аеродроми, патишта и хотели. Маркетингот исто така игра многу голема улога, промовирање на туризмот преку рекламирање, односи со јавноста и други маркетинг-кампањи. Владата може да ја регулира туристичката индустрија за да се осигури дека туристите се безбедни и дека животната средина е заштитена – укажува Нацев.
Вработувања, инфраструктура, проток на стоки и услуги, културна размена…
Како што вели тој, туризмот е од витално значење за успехот на многу
економии низ светот, постојат неколку придобивки од туризмот на
дестинациите домаќини. Туризмот, според Нацев, ги зголемува приходите на
економијата, отвора илјадници работни места, ја развива
инфраструктурата на една земја и го всадува чувството за културна
размена меѓу странците и граѓаните.
– Значаен е бројот на работни места создадени од туризмот во многу
различни области. Овие работни места не се само дел од туристичкиот
сектор туку може да го вклучат и земјоделскиот сектор, комуникацискиот,
здравствениот и образовниот сектор. Многу туристи патуваат за да ги
искусат културата, различните традиции и гастрономијата на дестинацијата
домаќин. Ова е многу профитабилно за локалните ресторани, трговски
центри и продавници. Владите што се потпираат на туризмот за голем
процент од своите приходи инвестираат многу во инфраструктурата на
земјата. Тие сакаат сѐ повеќе туристи да ја посетуваат нивната земја,
што значи дека се неопходни безбедни и напредни капацитети. Тоа води до
нови патишта и автопатишта, развиени паркови, подобрени јавни простори,
нови аеродроми, а можеби и подобри училишта и болници. Безбедните и
иновативни инфраструктури овозможуваат непречен проток на стоки и услуги
– појаснува Нацев.
Покрај тоа, тој споменува дека локалното население искусува можност за
економски и образовен раст, туризмот создава културна размена меѓу
туристите и локалните граѓани, изложбите, конференциите и настаните
обично привлекуваат странци.
– Организациските органи обично добиваат профит од такси за регистрација, продажба на подароци, изложбени простори и продажба на авторски права на медиумите. А, пак, странските туристи носат различност и културно збогатување во земјата домаќин. Владата преку министерството за туризам може да спроведе политики за поддршка на растот на туристичкиот сектор и да ги максимизира неговите економски придобивки – истакнува Нацев.
Зошто министерство за туризам?
Нашиот соговорник Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција
„Арботравел“ и туристички работник со огромно акумулирано искуство во
многу различни форми на туризмот и услугите, тврди дека, севкупно,
вклученоста на Владата во туристичката индустрија е од суштинско значење
за обезбедување на нејзината одржливост, промовирање одговорни
туристички практики и максимизирање на економските и социјалните
придобивки што туризмот може да ѝ ги донесе на една земја или регион.
– Ќе ја земам Хрватска за пример, хрватскиот туризам за периодот
2022-2026 година. Преку механизмот за закрепнување и отпорност на ЕУ, на
Хрватска ѝ се одобрени 292 милиони евра. Во рамките на поткомпонентата
на националниот план за закрепнување и отпорност поврзана со туризмот,
Министерството за туризам и спорт на Хрватска наведе инвестиции што
придонесуваат за закрепнување, издржливост и зелена и дигитална
транзиција на туризмот. Околу 60 отсто од средствата ќе бидат наменети
за претприемачи за директни инвестиции во приватниот сектор.
Преостанатиот дел од средствата ќе биде наменет за инвестиции во јавната
туристичка инфраструктура и зајакнување на капацитетите на човечките
ресурси за отпорен и одржлив туризам – нагласува Нацев.
Од Асоцијацијата на туристички водичи на земјава велат дека не е важно
дали туризмот ќе има министерство или ќе остане да биде сектор, туку е
важно што суштински се планира за туризмот. На крајот на краиштата, од
Асоцијацијата се повикуваат на една многу стара источничка изрека, која
вели „не е битно дали мачката е бела или црна, туку е битно таа фаќа
глувци“, односно работата да биде ефикасно завршена, се разбира, за
туристичкиот сектор и воопшто за економијата.
– Во сите развиени земји што сакаат да го третираат туризмот како
развојна гранка има посебно министерство за туризам. Но, да видиме што
ќе се случи кај нас. Сепак, мислам дека формата министерство или сектор
не ги решава проблемите во туризмот туку содржината – законите,
стратегиите и реализацијата на планираното. Потребен е системски
пристап, што отсуствува кај нас, треба да се подготви стратегија што ќе
ги утврди целите, која ќе се обновува на неколку години. Нејзината
реализација ќе даде одговор на тоа дали се работи нешто во туризмот или
не. И сега имаме агенција за туризам, ама ништо нема од нејзиното
работење – вели претседателот на Асоцијацијата, Бранко Босилков.
Во програмата на новата влада се предвиде туризмот од Министерството за
економија да влезе во рамките на Министерството за култура. Во дебатата
по оваа програма истакнаа дека ќе се опфати целокупниот туристички
сектор, односно туристичките агенции, хотелско-угостителски објекти,
превозници во туризмот, туристички водичи и водичи во планина и области
поврзани со создавање квалитетен кадар за туризмот.
Но дали со формирањето на новата влада туристичкиот сектор ќе добие свое министерство или ќе се префрли од Министерство за економија во Министерството за култура како сектор и колку стратегиски ќе се пристапи кон туризмот ќе биде познато по формирањето на владата, кое треба да биде најдоцна до 20 јуни.